Владата на Хаити вчеравечер прогласи вонредна состојба и воведе полициски час по насилните судири во главниот град и бегството на неколку илјади затвореници, додека главниот водач на бандата, Џими Черизиер, се обидува да го собори премиерот Ариел Хенри.
Со цел да се воспостави ред, владата веднаш воведе 72-часовен полициски час на целата западна територија, стои во соопштението. Полицискиот час ќе важи од шест навечер до пет часот наутро денес, утре и во среда. Вчера полицискиот час траеше од 20 до 5 часот наутро.
Полицијата, пожарникарите, возачите на брзата помош, медицинскиот персонал и прописно акредитираните новинари не мора да го почитуваат полицискиот час, се додава во соопштението.
Вонредната состојба беше воведена поради драматичната ескалација на насилството во текот на викендот што парализираше делови од главниот град, ги оштети комуникациите и овозможи две бегства од затвор, вклучувајќи едно од најголемиот затвор во земјата.
Директорот на „Дигицел“, голем давател на телекомуникациски услуги во оваа карипска земја, рече дека линиите биле оштетени после неколкудневното улично насилство во делови од главниот град.
„Екипите на теренот вчера попладнето успеаја во целост да воспостават врска“, истакна првиот човек на „Дигицел“, Маартен Буте, во објава на „X“, поранешен Твитер.
Жестоката престрелка предизвика паника во последниве денови откако водачот на бандата Џими Черизиер, поранешен полицаец, ги повика криминалните групи да се обединат и да го соборат Хенри.
Черизиер е на чело на сојузот на банди и се соочува со санкции од Обединетите нации и Америка.
Вооружени групи во саботата навечер го нападнаа најголемиот затвор во земјата, пркосејќи им на полициските сили на Хаити кои беа повикани на помош.
Ројтерс вчера го посети Националниот затвор, каде што немало ниту трага од полицијата, а главната затворска капија била ширум отворена.
Најмалку десет лица загинале при бегството на неколкуте илјади затвореници. Не се знае точно колку затвореници се во бегство.
Извори блиски до институцијата велат дека најверојатно станува збор за „огромно“ мнозинство. Во казнено-поправниот дом изграден за 700 затвореници, од февруари минатата година имало дури 3.687, според невладината организација за човекови права РНДДХ.
(Фото: Лукенсон Џин / АФП)







