Постапувајќи по претставка од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во врска со апсењето на пратениците осомничени за настаните од Собранието на 27 април, Хелсиншкиот комитет се обратил до МВР, Обвинителството за организиран криминал и Кривичниот суд.
Според одговорите добиени од надлежните институции, Хелсиншки наведува дека нема прекршување на постапката за определување на мерката притвор.
„Судијата правилно постапил кога за истите лица најпрвин определил приведување согласно член 157 од ЗКП со цел истите да ги испита за да може да одлучи за основаноста и неопходноста на предложените мерки кои зафаќаат во личните права и слободи, како што тоа го бара Уставот, ЗКП и член 5 од Европската конвеција за човековите права и слободи. Врз основа на овие наредби неколку лица се приведени, додека други самостојно се јавиле пред судот кога дознале дека против нив е определена мерка приведување“, се наведува во соопштението од Хелсиншкиот комитет.
Според Хелсиншки нема логика прописите да се толкуваат на начин на којшто тоа го сугерира ВМРО-ДПМНЕ во претставката дека прашањето за имунитетот требало да се постави пред приведувањето на пратениците.
Во однос на постапувањето при приведувањето со лисици и пред семејството на пратениците, Хелсиншки вели дека тоа е несакана последица на овие мерки.
Сепак од невладината апелираат судот покритички да ја процени основаноста и неопходноста на определување на мерката притвор, со цел мерката да биде во согласност со принципите и праксата на Европскиот суд за човекови права.







