Фудбалската репрезентација на Хрватска се пласираше во полуфиналето на Светското првенство во Русија, откако вечерва во Сочи ја победи Русија после подоброто изведување на пенали.
После регуларните 90 минути резултатот беше 1:1, а после продолжетоците 2:2, па одлуката за победникот падна после пеналите. Пенал серијата ја доби Хрватска со 4:3.
Русија поведе во 31 минута со голот на Денис Черишев, а осум минути подоцна изедначи Андреј Крамариќ. Домагој Вида во 101 минута и донесе предност на Хрватска, а на 2:2 изедначи Марио Фернандес во 115 минута.
Вечерашниов натпревар во Сочи имаше добар ритам во воведните минути, но темпото падна и поголеми возбудувања немаше се до 31 минута кога Черишев и донесе предност на Русија од 1:0.
Черишев проигра со Артем Џуба, а потоа со неверојатен удар од дваесетина метри го совлада голманот на хрватската репрезентација. Тоа беше негов четврти погодок на Мундијалот.
Радоста на Русите, меѓутоа, траеше само осум минути. Во 39-та Крамариќ донесе изедначување за Хрватска. Манџукиќ влезе во казнетиот простор, убаво го проигра Крамариќ кој со глава го совлада Акифеев.
До крајот на полувремето немаше поголеми прилики на двете страни, па на одмор се замина со 1:1.
хрватска во 60 минута имаше сјајна прилика да направи пресврт, но Иван Перишиќ ја погоди само стативата.
Избраниците на Златко Далиќ доминираа во второто полувреме, ја контролираа играта, но тоа не успеваа да го претворат во гол па следуваа продолжетоци.
Репрезентацијата на Хрватска во финишот на натпреварот беше во големи проблеми. Голманот Шубашиќ се повреди, а Далиќ една минута пред тоа ја направи третата измена. Чуварот на мрежата на Монако, сепак, остана до крајот на голот.
Кога изгледаше дека „коцкестите“ се во проблеми, во 101 минута Вида по нафрлувањето од корнер со глава ја затресе мрежата на Русија за голема радост.
Русија во финишот на второто продолжение заигра само на една карта, на напад, и тоа и се исплатеше. Во 115 минута Џогоев изведе слободен удар, а во шеснаесетникот најдобро се снајде Фернандес кој погоди за 2:2. После ова учесникот во полуфиналето се бараше преку изведувањето на пенали.
Прв пенал изведе Фјодор Смолов, но многу слабо шутираше, па неговиот удар го одбрани Шубашиќ, Марцело Брозовиќ беше сигурен реализатор, токму како и Џагаев, за потоа Акифеев да го одбрани ударот на Матео Ковачиќ.
Фернандес, кој на Русија и донесе пенали, промаши цел гол и тој пенал на крајот се покажа како решавачки. До крајот погодија Лука Модриќ, Вида и Иван Ракитиќ за Хрватска, а Сергеј Игнашевич и Далер Кузјаев за Русија.
Хрватска во полуфиналето ќе игра против Англија. Натпреварот е на програмата на 11 јули од 20 часот на стадионот Лужњи во Москва.







