Во Хрватска во јули оваа година потрошувачките цени се зголемија за 0,8 отсто на годишно ниво, што е нешто повисока инфлација од еден месец порано, при што најповеќе пораснаа цените во рестораните и хотелите, покажуваат податоците кои денес беа објавени од страна на хрватскиот Државен завод за статистика.
Растот на потрошувачките цени во јули од 0,8 отсто е повисок од јунските 0,7 проценти, но помал од 1,1 отсто во мај и 1,4 отсто во април и март, кои остануваат највисоки стапки на инфлација во Хрватска од август 2013 година.
Официјалните статистички податоци покажуваат дека во јули на годишна основа, најмногу, за 5,6 отсто, пораснаа цените во рестораните и хотелите, при што цените во угостителството се зголемија за 6,2 отсто, најмногу благодарејќи на 6,7 отстното зголемување на цените во рестораните и кафулињата. Во исто време, цените за сместување се зголемија за 1,1 отсто.
Со раст од 3,2 проценти следат цените на облеката и обувките, додека цените на храната и безалкохолните пијалаци на годишно ниво се зголемија за 2,7 проценти. Кај храната најмногу, за 6,6 отсто, се покачија цените на млекото, сирењето и јајцата, месото поскапе за 4,5 проценти, и маслата и мастите за 4,8 отсто.
За 2,4 проценти истовремено се зголемија цените на алкохолните пијалаци и цигарите, главно заради 2,8 отсто зголемувањето на цената на тутунот.
Годишна стапка на раст од 0,9 отсто, официјалната статистика бележи во секторот за рекреација и култура, додека услугите за превоз поскапеа за 0,4 отсто, а на образованието за 0,3 отсто. Услугите во здравствениот сектор пораснаа за 0,2 отсто, додека цените на мебелот, покуќнината и за одржување на домаќинството не се променети.
Вкупната стапка на раст на годишна основа ја ублажија цените за домување, вода, електрична енергија, гас и други горива, кои во јули оваа година беа 3,2 отсто пониски од претходната година, како и трошоците за комуникации, кои паднаа за 1,3 проценти. И цените на разни стоки и услуги забележа намалување за 0,3 проценти.







