На меѓународните пазари цените на нафтата во петокот не се менуваа нешто значително, задржувајќи се околу стапката од 50 долари за барел, притиснати од големото производство на членките од Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и од растот на резервите на гориво во САД.
На лондондкиот пазар цената на барелот во утринското тргување остана речиси непроменета во однос на претходното затворање, на 51,92 долари, и е на пат на неделен пад од еден процент. Ниту на американскиот пазар цената на барел нафта значително не се промени и изнесуваше 48,95 долари, и сега е на пат на неделен минус од 1,5 отсто.
Трговците велат дека цените се под притисок од растот на глобалното производство, додека во исто време силната побарувачката ги спречува нивните поголеми падови.
Растот на производството го врати песимизмот на пазарот, објави Националната австралиска банка во својот извештај за август. „Проценуваме дека цената на барел на берзата во Лондон во четвртиот квартал на 2017 година ќе се движи околу 53 долари“, се наведува во извештајот.
Баркли банката, пак, објави дека во следниот квартал очекува просечна цена од 54 долари за барел.
Извозот на нафта од членките на ОПЕК во јули се зголеми на највисоко ниво во една година, објави во својот извештај неделава Thomson Reuters Oil Research. Извозот во јули се зголеми за 370.000 барели дневно, на 26,11 милиони барели дневно, а најголем пораст на испорака евидентиран е од Нигерија, за 260.000 барели дневно.
Овој раст се случува и покрај ветувањата на членките на ОПЕК, а и на некои производители надвор од тој картел, вклучувајќи ја и Русија, за намалување на производството за 1,8 милиони барели дневно до март 2018 година.
Најголемиот руски производител на нафта Роснефт во петокот извести за раст на производството на сурова нафта во второто тромесечје од 2017 година на годишно ниво од 11,1 отсто, на 56,08 милиони тони годишно.
Но, просечното дневно производство на нафта во второто тромесечје, во однос на претходното, падна за 1,2 проценти, на 4,57 милиони барели на ден, стои во соопштението, во кое се наведуваат „ограничувањата за руските производители на нафта врзани со договори со земјите од ОПЕК“.
Во исто време, падот на цените го спречува големата побарувачката. Американската побарувачка за бензин се зголеми минатата недела на рекордни 9,842 милиони барели дневно, е забележано во неделниот официјален извештај на Владата на САД.
„Побарувачката за бензин сега е повисока за 0,1 отсто на годишно ниво, што оправдано охрабрува со оглед на тоа дека од крајот на ноември 2016-та беше непроменета или пониска“, објави американската инвестициска банка Џефрис.
„Резервите на бензин во САД паднаа седма недела по ред … и сега се само 6,3 милиони барели над петгодишниот просек“, стои меѓу другото во извештајот на Џефрис.
ОПЕК на неговата страница објави дека цената на барел негова нафта во средата достигна 50,24 долари, што е 51 центи во плус во однос на претходниот трговски ден.







