Грчкиот премиер Алексис Ципрас изјави дека постои „прозорец за можност“ за решение на спорот во врска со името Македонија, но повтори дека неговата влада има јасен став во преговорите за тоа залагајќи се за „комбинирано име“.
Во синоќешното обраќање н членовите на својата партија Сириза, Ципрас, исто така, ја критикуваше опозицијата поради поттикнување на национализам и изолационизам.
„Владата ќе продолжи да работи на постигнување најдобро можно решение. Бараме меѓусобно прифатливо решение, комбиниран назив кој генерално ќе се користи, а што нема да остави простор за иредентизам и неразумни тврдења“, изјави грчкиот премиер.
Тој оцени дека е добро што владата во Скопје изгледа посветена на превземање чекори со цел за изнаоѓање на решение.
Ципрас ја обвини опозициската партија Нова Демократија и нејзиниот поранешен лидер Антонис Самарас поради стварање на проблем во врска со името во 1992 година и поради неуспехот во решавањето на тој проблем.
„Самарас е позагрижен за својата политичка кариера отколку за решавање на проблемот што е од национално значење. Националните интереси не се бранат со критики, обвинувања и со афоризми, туку со завземање на подобар став во преговорите, обезбедување на меѓународни сојузници и обиди за постигнување на национален консензус“, истакна Ципрас.
Како позитивен пример го наведе ставот на грчкиот архиепископ Јеронимо Втори кој на нивниот вчерашен состанок заклучил дека на Грција не и се потребни протести туку – национален консензус и единство.







