Од следната година Црна Гора воведува доброволен воен рок, јавува Радиотелевизија Црна Гора. Црногорската војска од 2006-та немаше класични регрути, прекинат е воениот рок и одбранбениот концепт се заснова на професионалните формации во склад со потребите и економските мпожности на Црна Гора.
Тоа ќе се смени во 2019 година, кога две групи од по 50 момчиња и девоки ќе служат доброволно воен рок, пренесе РТЦГ.
„Се радувам на конечната реализација на програмата за оспособување на младите луѓе. Ние имавме една пауза, можеби и предолга во обучувањето, во случај на потреба, тие да застанат на браникот на татковината и да ја бранат Црна Гора“, вели командантот на Центарот за обука на ВЦГ, потполковник Игор Кнежевиќ.
„Ќе ја заокружиме целата приказна овие денови и до детали ќе знаеме како сето тоа ќе изгледа. Кон крајот на годината или на почетокот на идната, ќе излезе јавен оглас во кој што ќе ги повикаме момчињата и девојките од 18 до 25 години да се пријават“, најавува директорот на Директоратот за човечки ресурси во Министерството за одбрана, Михајло Волков.
Истражувањето направено од Атлантскиот сојуз во 2016 година покажа дека дури 55 отсто од испитаниците доброволно би служеле воен рок во траење од три месеци, додека 61 отсто испитаници сметале дека воениот рок во Црна Гора не требало да биде прекинат.
Волков објаснува и каква корист секој поединец ќе може да има ако се одлуичи да служи воен рок.
„Момчињата или девојките кои ќе влезат во касарна, на крајот нема да бидат исти. Очекуваме поостар поглед, поголем степен на самодисциплина, одговорност кон себе и на оној кој е покрај нив и поголемо спознавање во тимот и во државата на која и служиме“, вели тој.
Тој не може да каже дали во иднина ќе се размислува за воведување на задолжителен воен рок, но додава дека тоа е прашање кое, „ако дојде на ред, ќе се однесува не само за Министерството за одбрана и Војската, туку за целото општество“.
Тримесечната обука ќе биде речиси идентична на онаа која сега ја посетуваат идните професионални војници. После тоа, тие ќе го отслужат доброволниот воен рок со стапување во стратегиски распоредената резерва и ќе бидат на располагање на државата во сите вонредни ситуации. Ќе имаат, исто така, предност при вработување во Војската на Црна Гора, наведува РТЦГ.