Низ Германија има проблеми поради „црниот мраз“ кој се појавува на патиштата и тротоарите.Метеоролозите издадоа предупредувања за речиси цела држава, наставата е откажана, има прекини во воздушниот и железничкиот сообраќај, а на патиштата има голем број сообраќајни несреќи во кои има и загинати.
Германската метеоролошка служба издаде сериозни предупредувања за опасни временски услови поради замрзнатиот дожд, кој предизвикува речиси невидлив слој мраз на земјата.
Предупредувања се издадени за делови од сите германски сојузни покраини.
Поради мразот можен е застој во сообраќајот, патиштата и железницата на места се непроодни.
Замрзнат дожд со мраз кој се формира на патот најпрвин се појави во западниот и северозападниот дел на земјата, а потоа и во централниот дел.
Според метеоролозите, во текот на денот на североистокот и истокот исто така ќе има леден дожд. Состојбата засега се смирува во Северна Рајна Вестфалија.
Од метеоролошката служба советуваат луѓето што е можно повеќе да избегнуваат престој на отворено, а оние кои денес мораат да користат автомобил се повикуваат да го прилагодат начинот на возење. Возачите, исто така, се советуваат да ги полнат резервоарите и да носат со себе ќебиња и топли пијалоци.
Поради опасното време, наставата беше откажана во низа региони во Долна Саксонија (вклучувајќи ги Хановер и околината), Хесен и Рајнланд-Пфалц, а делумно во областа Бад Кисинген.
Во училиштата во Бремен присуството е задолжително само од третиот час.
Низ Германија забележани се низа сообраќајни несреќи кои се поврзуваат со временските услови, и во нив има повеќе повредени и загинати.
Во сообраќајка на автопатот 27 меѓу Бремен и Хановер загина 25-годишен возач. Портпаролот на полицијата утринава изјави дека автомобилот излетал од патот поради лизгавиот коловоз. Несреќата предизвика голем сообраќаен застој. Загина и тракторист во несреќа на, со снег покриен, пат во Холцхаузен (област Реин Лахн).
Во Офенбах кај Франкфурт автобус на јавен превоз удри во дрво поради „црн мраз“ на патот.
Во несреќата потешко се повредени 12 лица, а на терен се пожарникарите со чија помош се извлекуваат повредените од автобусот.
„Црниот мраз“ утрово го прекина сообраќајот и на аеродромот во Франкфурт, еден од најголемите во Европа.
Со оглед на временските услови има застој во сообраќајот и откажување на летови, соопштија од аеродромот.
Според зборовите на портпаролката на аеродромот, 176 од околу 1.100 полетувања и слетувања веќе се откажани.
Германските железници објавија информации за прекин на некои железнички линии во Франкфурт и Манхајм.
Поради зимски услови на патиштата во моментов има ограничувања за локалниот јавен превоз низ Хесен.
Во Франкфурт со проблеми се погодени сите автобуски линии, како и метрото и трамваите, што резултира со доцнење, отстапување од возниот ред и откажувања, соопшти франкфуртското јавно сообраќајно претпријатие ВГФ.
Зоолошките градини во Росток и Хол се затворени поради мразот.
(Фото: „Профимедиа“)







