Непосредно пред стартот на турнирот во Вимблдон минатата сезона, Новак Ѓоковиќ имаше предност во трката за прво место на АТП листата како Усеин Болт во оние на 100 метри. Со двојно повеќе бодови од најблискиот ривал Енди Мареј, ги соборуваше рекордите во ранкинг. Губењето на титулата можеше да се случи само во случај на тежок пад на Србинот и експресен скок на Британецот, а неизвесноста во топ 5 можеа да ја вратат само Надал и Федерер со некакво чудно освојување на гренд слемови после подолга пауза.
Сега пред Вимблдон, дури пет играчи се повторно во конкуренција за АТП тронот. Секој од нив има „посебна математика“ за првото место. Единствено Федерер не може да го престигне Мареј, тоа би можело да се случи дури во Лондон, но со освојувањето на титулата би стигнал мошне блиску до лидерската позиција пред претстојната американска турнеја.
Надал на третиот гренд слем ќе има меш топка за враќање на врвот. Ако го освои ќе биде број еден од проста причина што не брани ништо на трева, а Мареј влече мака од 2.000 бодови за минатогодишниот турнир. Моментната разлика на листата е 2.105 бодови, па популарниот „Рафа“ ќе избие на чело ако стаса до втората недела и оствари подобар резултат од Енди, но и од Стен, односно Новак.
Третиот и четвртиот на листата, исто така, демнат прилика за, преку освојување на вимблдонскиот турнир, да се дофатат до лидеркото место на АТП. Шансите им се помали во однос на освојувачот на Ролан Гарос, но постојат. Ако Мареј продолжи со „промашувањата“, а на Надал повторно му откаже бицепсот на оваа подлога (од 2011 не го минал осминафиналето на овој турнир), Ѓоковиќ и Вавринка би можеле да се фатат на приказната за првото место. На двајцата за тој потфат им е потребно освојување на титулата, а останатите од топ 4 не влезат во завршницата која донесува многу бодови.
Вавринка моментно има блага предност во однос на Ѓоковиќ, но српскиот ас и во вака лоша форма е фаворит во однос на Швајцарецот на трева. На Вавринка до сега на Вимблдон четвртфиналето му беше „полна капа“.
Скромни 250 бодови колку што Истборн може да му понуди на шампионот на прв поглед делуваат како „ситнеж“, но во трката за првото место тие би можеле да бидат одлучувачки. Мареј и Вавринка испаднаа уште на стартот на турнирот во Квинс, Надал не игра подготвителни турнири, па на Новак титулата во недела непосредно пред стартот на Вимблдон може да му влее самодоверба, но и да му донесе бодови кои не се занемарливи во моментите кога на Енди Мареј му се ниша тронот.
Топ 5 за прво место
Тенисер моментни бодови на АТП што бранат на Вимблдон
- Енди Мареј 9.390 титула 2.000 бодови
2. Рафаел Надал 7.285 не учествуваше
3. Стен Вавринка 6.175 второ коло 45
4. Новак Ѓоковиќ 5.805 трето коло 90
5. Роџер Федерер 4.765 полуфинале 720







