Мистериозното зуење што се слуша ноќе во град во Северна Ирска го натера градскиот совет да го истражи неговиот извор, пишува британскиот „Телеграф“.
Жителите на Омаг, во округот Тајрон, се пожалија дека не можат да спијат поради „постојаното зуење“, а информации за бучавата првпат беа изнесени на крајот на октомври.
Советникот Стивен Донели вели дека таинственото зуење, опишано како поразлично од сообраќајна бучава, се покажало како сериозен проблем за жителите.
Окружниот совет бара да се ангажира специјалист за откривање на звукот, откако првичните обиди да му се влезе во трага беа неуспешни.
„Можеби тоа е сезонски феномен или е поврзан со временските прилики, но тие работи честопати не се покажуваат како едноставни и можат да бидат од повеќе извори. Тоа што треба да го направиме е да ги утврдиме фактите и да го завршиме ова, а потоа да преземеме мерки да го решиме случајот“, истакна Донели во интервју за Би-Би-Си.
Портпаролката на Советот рече дека истрагата досега се покажала како предизвикувачка, па официјалните лица ги разгледуваат следните чекори за да го идентификуваат зуењето.
„Поради големото подрачје каде што звукот бил пријавен, тешко е да се одреди точниот извор. Планираме да ангажираме специјализирана компанија која со наменска опрема ќе помогне во лоцирањето на изворот на бучавата“, рече таа.
Мистериозна врева веќе мачела други градови и села низ Велика Британија.
Во декември лани, жителите на Холмфилд, во Западен Јоркшир, вревата што се јавувала доцна во ноќта ја опишаа како „бескраен циклус на мачење“.
Локално познато како Холмфилд Хам (Holmfield Hum), брмчењето се споредува со она на машината за перење алишта или како на дизел моторот во лер.
А, во 2013 година, научниците претпопставуваа дека мистериозните звуци кои некои жители на Хемпшир ги држат будни ноќе се резултат на сексот на рибите во блиската река.
Жителите во Хајт, во близина на Саутемптон, наводно биле принудени да се иселат од областа заради „пулсирачките“ звуци што одекнувале низ нивните домови во ноќните саати.
Националниот океанографски центар во Саутемптон не успеа да ја расветли мистеријата.
Меѓутоа, Шкотското здружение за поморски науки тврди дека рибите би можеле да бидат одговорни за бизарниот звук.
„Тоа не е невозможно.Сигурно постојат ‘звучни риби’ во Северниот Атлантик и приодите кон Ла Манш“, вели д-рБен Вилсон, научник којшто ги истражува морињата.
Мажјаците од рибите од групата „Porychthys“ испуштаат карактеристичен звук за да им дадат до знаење на женките дека бараат партнер, пишува „Телеграф“.








