Завесата на фудбалската сезона е спуштена со историскиот триумф на Реал Мадрид во Кардиф. Мадриѓаните со победата против Јувентус (4:1) станаа првиот клуб кој успеа да го одбрани трофејот во елитното натпреварување, откако се премина од Куп на лигашки систем на натпреварување.
Фудбалерите на Јувентус секако не заслужива ваков убедлив пораз. Избраниците на Алегри беа подобар противник во првите 45 минути. Црно-белите одлично го отворија натпреварот, имаа неколку полушанси преку Игуаин и Пјаниќ, а првиот сериозен излез на половината на торинскиот клуб Реал го претвори во гол. Во 20 минута кралевите изведоа одличен контранапад, карвахал и Роналдо комбинираа по десната страна и после двојно додавање Португалецот ја затресе мрежата на Буфон, кој до тој момент немаше ниту една интервенција.
Помалку шокантниот гол, сепак, не ги измести од колосек црно-белите, кои продолжија да го напаѓаат реал и тоа им се исплатеше седум минути подоцна. Сандро центрираше од левата страна, Игуаин кратко ја орби топката до Манџукиќ, а овој го изведе најдобриот потег на натпреварот. Хрватскиот репрезентативец ја прими топката на градите, свртен со грбот кон голот, и откосо од левата страна, од некои дваесетина метри, со ножички го погоди спротивниот горен агол од голот на Навас.
Иако до крајот на првото полувреме немаше возбудувања, Јувентус ги контролираше случувањата на теренот и апсолутно ништо не наговестуваше тотален распад на системот во продолжението на мечот. Сепак, вторите 45 минути како да играше потполно друга екипа. Реал тргна пожестоко кон голот на противникот, фудбалерите на „старата дама“ не успеваа да поврзат неколку додавања во низа и да ја задржат топката во свој посед подолго од неколку секунди, што го казни Каземиро во 61 минута.
На една одбиена топка играчот за врска на Реал натрча и шутираше од прва од околу 25 метри. Топката на патот кон голот на Буфон го закачи кедира и заврши во самиот агол на голот на Јувентус.
Само неколку минути подоцна на семафорот пишуваше 3:1 за Реал. После две минути од погодокот на Каземиро, Роналдо втор пат на мечот ја затресе мрежата на торинскиот клуб, крунисувајќи ја одличната акција на Карвахал и Модриќ по десната страна.
После ова за Јувентус немаше враќање, иако црно-белите се обидуваа да го намалат заостанувањето. Во завршницата на натпреварот станаа отповеќе нервозни што ги чинеше и играч помалку. Резервистот Квадрадо по стартот врз Серхио Рамоз, за само дваесетина минути игра, го доби вториот жолт картон и мораше да го напушти теренот.
Точка на финалето во Кардиф стави Асенсио, после одличниот соло пробив и асистенцијата од Марсело.









