Фудбалската репрезентација на Шведска се пласираше во четвртфиналето на Светското првенство, откако денеска во Санкт Петербург ја победи селекцијата на Швајцарија со 1:0.
единствениот гол на натпреварот го постигна Емил Форсберг во 66 минута.
Шведска во четвртфиналето ќе игра против победникот од мечот Англија-Колумбија.
Фудбалерите на Шведска беа подобар противник во првото полувреме, имаа подобри шанси, а најдобрите ги пропуштија Маркус Берг во 20 и Албин Екдал во 41 минута. На друга страна, најдобрата прилика за Швајцарија ја имаше Блерим Џемаили во 39 минута.
Швеѓаните до предноста дојдоа во 66 минута со голот на Форсберг. Фудбалерот на Лајпциг мина низ противничката одбрана и потоа шутираше од работ на шеснаесетникот. Топката на патот кон голот го закачи Мануел Аканџи, го промени движењето и заврши во мрежата.
Швајцарија во финишот на натпреварот тргна на се или ништо, но наместо изедначување можеше да претрпи и поубедлив пораз. Ланг од зад грб го собори Олсон во 93 минута, а судијата Дамир Скомина покажа на белата точка и црвен картон за фудбалерот на Швајцарија.
Меѓутоа, после консултацијата со ВАР системот, арбитерот ја промени одлуката и покажа дека прекршокот сепак бил надвор од казнетиот простор. Ола Тоивонен го изведе слободниот удар, но резултатот остана непроменет.







