Германскиот канцелар, Олаф Шолц, денеска на „Х“, објави фотографија со превез на окото, коментирајќи ги со тоа написите за неговата повреда по падот додека трчал за време на викендот.
„Едвај чекам да видам какви ќе бидат ‘мемињата’…“, рече германскиот канцелар Олаф Шолц преку платформата „Х“ (поранешен Твитер).
Тој истовремено порача дека повредата на окото, која ја задобил по пад при трчање, „нешто посебно не го ограничува“ и се заблагодари за желбите за брзо закрепнување.
Владиниот портпарол, Штефен Хебестрајт, денеска, на редовниот брифинг со новинарите, рече дека канцеларот објавил фотографијата со превез на едното око за да може сите „да се подготват за тоа како ќе изгледа канцеларот во следната недела или две“.
65-годишниот германски канцелар (од Социјалдемократската партија на Германија – СПД) изминатиов викенд падна додека џогирал во близина на својот дом во Потсдам, кај Берлин.
Шолц во едно интервју изјави дека како ученик „го мразел спортот“, но дека сега се обидува барем два до три пати неделно да се занимава со нешто, главно трчање или веслање.
Во коментарите во медиумите се забележува дека Шолц, кој вообичаено е познат како сув говорник, се обидува несреќата што му се случи да ја претвори во шега.







