Никола Груевски на почетокот на неговото владеење важеше за модернизатор на Македонија. Потоа се претвори во ултранационалистички владетел, кој својата земја свесно ја турка во хаос – само за да не оди во затвор
Еднаш одамна Никола Груевски беше либерален модернизатор на Македонија. По образование инвестициски банкар со 28 години стана министер за финансии, а во август 2006 година, непосредно пред својот 36 роденден, ја превзеде функцијата шеф на владата и во Македонија ги поттикна изгледите за ЕУ и НАТО интеграцијата. Тогаш оваа држава од два милиони жители во срцето на западниот Балкан важеше за најсериозен кандидат за членство во Унијата. Покрај Хрватска, се наведува во анализата во угледниот „Шпигел“.
Но, од тогаш Груевски метаморфрозираше: во ултранационалистичко-популистички властодржец, кој со Македонија владее со криминални методи: од најдрски кражби на избори, преку корупција и сеопшто прислушкување па се до политички порачани убиства, оценуваат аналитичарите.
Македонија така од земја за пример ја претвори во најексплозивна држава во регионот.
Кризата која веќе три години трае во Македонија, доживеа врв минатиот четврток: кога во националистички демонстрации вооружени насилнички трупи на јуриш го освоија парламентот и приредија брутална претепување на опозициските пратеници.
Повеќето набљудувачи се убедени дека организаторот на немирите се вика – Груевски. Веруваат дека Груевски е подготвен „сета Македонија да ја жртвува само тој политички да преживее. Тој сака земјата да ја турне во хаос за потоа да се профилира како стабилизатор. Единствената преостаната алтернатива за него е: затвор.“
Зошто Груевски го чека долгогодишна казна затвор, пишува „Шпигел“, стана јасно во почетокот на 2015 година низ аферата „прислушкување“: аудио-снимките од прислушкуваните телефонски разговори, доставени до опозициските Социјалдемократи, документираа неверојатен опсег на криминални активности на Груевски и неговата клика.
Оваа афера предизвика граѓански протести кои траеја со месеци. Кога протестите прејдоа во ескалација, реагираше ЕУ и договори политичко ресетовање во чии рамки беше обврската на Груевски во јануари 2016 година тој да поднесе оставка за потоа да се насочи на тактиката за одолговлекување. Причина: независното обвинителство за корупција и политички злодела, поставено од страна на парламентот, на барање на ЕУ, презентираше несоборливи докази за мафијашките методи на владеењето на Груевски.
Од предвремените парламентарни избори од декември 2016 година Груевски, де факто властодржец во Македонија, се преориентира на модусот на тотална конфронтација. Затоа што неговата партија ВМРО-ДПМНЕ го загуби апсолутното мнозинство.
Второпласираните опозициски Социјалдемократи заедно со три партии на македонски Албанци – кои прават околу една четвртина од овдешните жители, успеаја да организираат парламентарно мнозинство.
Но, претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој припаѓа на таборот на Груевски, одбива на шефот на Социјалдемократите, Зоран Заев, да му го даде мандатот за формирање влада.
Како изговор Иванов го користи „албанскиот адут“: албанските партии се стремат за федерализација и поделба на Македонија. Реалноста е дека албанските партии во суштина ги интересира само јакнење на малцинските права, и правата на сопствен јазик. Тие се веќе гарантирани во политичкиот договор меѓу македонските и албанските партии, но до денес се делумно реализирани, што на многу Албанци во Македонија им дава чувство дека се граѓани од втора класа.
Социјалдемократите на албанското малцинство му ветија дека ќе се заложат за нивните потреби – за што на декемвриските избори и добија многу албански гласови.
Од друга страна, Груевски и неговата партија се обидуваат да сеат етничка омраза: паралелно со политичката блокада од претседателот на државата тие секоја вечер од почетокот на март организираат националистички демонстрации во Скопје и останатите делови од земјата, а се под парола „За обединета Македонија“.
Ако зад сето тоа се крие тактика на Груевски да ја покрене спиралата на насилство, а притоа прогласи воена состојба – за да може со специјални овластувања да продолжи да владее – тогаш тактиката судејќи според се му е пропадната.
Насилните сцени во парламентот во најголемиот дел од јавноста предизвикаа згрозување.
Освен тоа делови од војската и безбедносниот апарат веќе индиректно се дистанцираа од Груевски.
А парламентарното мнозинство составено од социјалдемократите и албанските партии, на друга страна, ужива поддршка од Европската унија и САД. Тие во наредните денови ќе почнат со составување на новата влада се вели во заклучокот на анализата на „Шпигел“.







