Шесткратниот шампион на Австралија опен во осминафиналето на турнирот во Мелбурн загуби од дваесет и едногодишниот Хјеон Чунг. После шест месеци пауза и сеуште присутни болки во лактот Србинот не можеше да му биде достоен ривал на Кореанецот. Конечниот резултат на мечот гласеше 3:0 за Чунг, по сетови 7:6 (7:4), 7:5, 7:6 (7:3).
„Чунг му направи на Ѓоковиќ она што Ѓоковиќ им го правеше на сите во последните пет години“, беше коментар на Џејми Мареј на Твитер во текот на мечот што беше сосема доволно да се опише односот на силите.
Долгата анализа на Ѓоковиќ за српските медиуми за тоа што се случуваше на теренот не даде конкретен одговор колку повредата влијаеше на поразот, ниту дали таа ќе го одвои на подолго време од тенисот, како Енди Мареј кој што го оперираше колкот и сега се подготвува за Вимблдон. Но, Новак јасно порача дека неуспехот во четвртиот меч од враќањето на теренот не го донесува прашањето околу крајот на кариерата.
„Не завршив со тенисот, ќе се вратам кога потполно ќе го залечам лактот. Ако не сте здрав, не можете да ја вршите својата работа. Прв пат сум во таква состојба, но не треба да се биде песимист. Не чуствувам дека тенисот од мене ја извлече сета мотивација. Напротив, тенисот ми е платформа за развој како човек, на мојата љубов, на страстите, нешто што ме прави среќен“, вели Ѓоковиќ, а пренесе порталот Б-92.