Најдобриот тенисер на светот Новак Ѓоковиќ се сретна со Тејлор Фриц во четвртфиналето на Австралија Опен. Првиот играч на АТП листата во неверојатен меч славеше со резултат 3:1 во сетови (7:6 (7:3), 4:6, 6:2, 6:3).
Ниту жештината, ниту одличниот Американец, а ниту пак публиката не можеа да ја прекинат серијата на Новак Ѓоковиќ, кој од 2018 година не знае за пораз во Мелбурн. Му требаа шеснаесет прилики да го одземе сервисот на противникот, но кога во тоа успеа, навивачите гледаа сосема поинаков Новак на теренот.
Новак Ѓоковиќ и Тејлор Фриц на фантастичен начин го отворија мечот, кој заради дуелот Коко Гоф – Марта Костјук (Американката победи со 2:1 во сетови) доцнеше повеќе од два часа.
Во првиот гем Ѓоковиќ му покажа на ривалот дека нема да му биде лесно. Тие го одиграа најдолгиот воведен гем на турнирот оваа сезонава, кој траеше 16 минути и 25 секунди со девет изедначувања, во кои Србинот имаше осум прилики да му го одземе сервисот на ривалот.
По еден час и 24 минути голема борба, Ѓоковиќ го доби првиот сет после тај-брејк, а интересно е што имаше дури осум шанси да го добие гемот на сервис на противникот, кои не ги искористи.
Вториот сет започна лошо за Новак, направи две двојни сервис грешки, го искористи тоа Фриц за да дојде до гемот на сервис на противникот.
До крајот на вториот сет Американецот ја задржа стекнатата предност, и израмни на 1:1 во сетови.
Како што одминуваше времето, а температурата паѓаше, навивачите го гледаа Ѓоковиќ се посвеж во Род Лејвер Арената.
Ноле во третиот сет релативно брзо поведе со 3:0 и воспостави целосна контрола врз играта. Тој рутински го доби сетот, со резултат 6:2.
Следуваше луда завршница на четвртиот сет. Прво, Ноле трпеливо чекаше шанса, во шестиот гем му го одзеде сервисот на ривалот, веднаш следеше одговор на Американецот, а потоа Ѓоковиќ направи уште еден брејк за 5:3, по што мирно го потврди пласманот во полуфиналето и деветтата победа против Тејлор Фриц во исто толку дуели.







