Околу 1,4 милиони деца на возраст до пет години страдаат од прегладнетост во Јужен Судан, кој се бори со „најтешката криза со глад“ поради честите поплави и вооружени конфликти, предупреди денеска невладината организација „Да ги спасиме децата“.
Најмладата земја во светот, жртва на политичко-етничко насилство и хронична нестабилност од нејзината независност од Судан во 2011 година, е опустошена од поплави четврта година по ред и сега зафати девет од десет нејзини покраини.
Податоците на Обединетите нации покажуваат дека 8,9 милиони жители или 71 отсто од населението имаат потреба од хуманитарна помош.
„Меѓу нив има 1,4 милиони деца на возраст помлади од пет години кои немаат храна“, се вели во соопштението на невладината организација.
„Состојбата се влоши во последниве месеци бидејќи повеќе од 615.000 луѓе четврта година по ред се погодени од невидена поплава која уништи куќи, уништи посеви и предизвика зголемување на случаите на маларија и каснување од змии, особено кај жените и децата“, стои во извештајот на „Да ги спасиме децата“ за Јужен Судан.
Валутата на таа источноафриканска земја годинава загуби 40 отсто од вредноста, што доведе до зголемување на цените на увозните производи, на што влијае и војната во Украина.
Јужен Судан е меѓу петте земји во светот најранливи на климатските промени.
Светска банка информира дека 80 отсто од 11-те милиони жители на земјата живееле во „екстремна сиромаштија“ во 2018 година.
(Фото: АФП)







