30 години од убиството на италијанскиот судија Фалконе

LinkSense.mk

Сицилијанската мафија пред 30 години го уби судијата Џовани Фалконе со толку моќна бомба што детонацијата ја забележале научниците кои ги следеле вулканските потреси на планината Етна, на другата страна на островот.

Експлозијата која што на 23 мај 1992 година во 17.56 часот разнесе дел од автопатот крај Палермо предизвика шок во цела Италија. Тоа, меѓутоа, беше и почеток на падот на мафијата.

Загинаа судијата против мафијата Фалконе, неговата сопруга и тројца членови на полициската придружба. Мафијата во тунел на автопатот што го поврзува аеродромот со центарот на Палермо поставила 500 килограми експлозив ТНТ и амониум нитрат.

Фалконе со бел „фијат крома“ од Рим се враќал дома за викенд. Додека судијата во конвој од три автомобили минувал низ тунелот, мафијаш со прекар Свиња кој извидувал од брдото над тунелот го притисна далечинскиот управувач што ја активирал бомбата.

Експлозијата ги разнела асфалтот, возилата и телата. Автомобилот што бил на чело на конвојот одлетал неколку стотици метри. Тројца полицајци од првиот автомобил загинале на лице место.

Во вториот загинале Фалконе кој бил зад воланот и неговата сопруга на совозачкото седиште. Возачот на Фалконе, кој овој пат бил на задното седиште, преживел, како и тројцата агенти од последниот автомобил.

На местото на несреќата денеска има „спомен градина“. Маслиновото масло од оваа градина се користи во сицилијанските цркви за мачкање на децата за време на крштевањата.

Фалконе беше вистинска закана за Коза Ностра, организирана криминална група која ја прослави трилогијата „Кум“ и која можеше да се пофали со пристап до највисоките нивоа на италијанската моќ.

Токму тој ги собра доказите на првите мафијашки доушници за револуционерното судење во кое во 1987 година беа осудени стотици мафијаши. За време на судењето тој беше на чело на Одделот за криминал при Министерството за правда во Рим и работеше на пакет закони против мафијата.

Неговото убиство ја крена нацијата на нозе. Ден по нападот, дневниот весник „Република“ со слика на судијата со мустаќи на насловната страница го осуди „мафијашкиот масакр“, а на улиците на Палермо протестираа илјадници луѓе.

Сите очи беа вперени во другиот судија против мафијата, Паоло Борселино, близок пријател и колега на Фалконе, кој на почетокот на јули истата година изјави дека „екстремната опасност“ во која се нашол нема да го одврати да си ја врши работата.

Само 57 дена после својот пријател, Борселино исто така беше убиен во напад со автомобил-бомба, заедно со пет членови на полициската придружба. Преживеал само неговиот возач.

Државата заради изливот на јавен бес тргна во лов по шефот на Коза ностра, Салваторе (Тото) Риина, кој за време на дваесетгодишното владеење на теророт беше вклучен во повеќе десетици убиства. Риина беше уапсен на 15 февруари 1993 година во Палермо.

Со апсењата и признанијата на доушниците после убиствата на Фалконе и Борселино, раководство на Коза ностра беше целосно обезглавено“, изјави за АФП Винченцо Керусо, автор на неколку книги за мафијата.

Повеќе десетици луѓе се осудени за учество во овие убиства. Но, Роберто ди Бела, денес судија во судот за малолетници во Катанија, Сицилија, смета дека „сè уште има нејасни елементи иако повеќето од учесниците се осудени“.

Преживеаните сметаат дека сеуште недостасуваат некои делови од сложувалката и потсетуваат на верувањето на Фалконе дека „постојат врски на Коза Ностра со темните центри на моќ“.

Уште не ја знаеме вистината за тоа кој всушност го наредил убиството на Џовани Фалконе, бидејќи не верувам дека необразованите луѓе како Тото Риина би можеле да испланираат напад толку софистициран како оној во Капацио“, изјави во документарниот филм за нападот на судијата, Анџело Корбо, еден од преживеаните телохранители.

Тврди дека не е единствениот кој верува дека меѓу мафијашите имало и „луѓе во костуми и вратоврски“. Сепак, истрагата за можните „тајни диригенти“ на нападот во Капакија беше отфрлена во 2013 година.

Нема докази за помош однадвор. Нема сомнеж дека мафијата е виновна за нападите“, вели авторот Керусо.