Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска по повод верскиот празник Богојавление – Водици упати честитка до поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Г.Г. Стефан и сите православни христијани.
„Денес, славејќи го Христовото крштевање и нашето духовно раѓање, дозволете ми во мое лично име и во име ВМРО-ДПМНЕ, Вам лично, на Вашето свештенство и монаштво, како и на сите православни верници во Република Македонија и во дијаспората, да Ви го честитам големиот христијански празник Богојавление – Водици“, се вели во честитката.
„Овој голем ден нека биде потсетник на христијанските вредности кои треба да ги почитуваме – љубов, хуманост, добрина и проштевање. Нашата конечна цел треба да биде успешна Македонија, држава на среќни и задоволни граѓани, држава која се грижи за своите граѓани и која активно ќе ги решава проблемите на граѓаните. Наместо прогон, потребна е работа и проекти, наместо уназадување и економска стагнација, потребен е раст и напредок. Република Македонија мора да биде почитувана држава“, наведува Мицкоски во својата порака.
„Прославувајќи го овој голем празник, да се помолиме на Бога да ги освети нашите реки и езера, да ги благослови нашите граѓани и нашата држава, дарувајќи ни здравје, среќа и благодет. Нека ни е честит и вековит големиот христијански празник. Бог се јави – Навистина се јави“, напиша во честитката лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.