– Невообичаено високите температури за месец февруари, кои деновиве владеат во земјава, придонесоа драстично да се намали белата покривка на планините во кичевско, и пред почетокот на пролетта на планинските врвови да остане сосема малку снег, што ќе придонесе реките да бидат попразни а водоснабдувањето покритично.
Како одраз на топењето на снегот на планините повисоки од 1 500 метри, како Добра Вода, Бистра, Стогово, Баба Сач и други, благодарение на намалувањето на белата покривка реките сè уште се добро исполнети со вода а така ќе биде и наредните денови, сè додека температурите се високи а снежната покривка е присутна на планините.
Реката Треска благодарение на своите притоки кои се добро наполнети со вода поради топењето на снегот, водостојот благо се намалува, но не толку бргу како што тоа би се случило при пониски дневни температури.
– После врнежите од дожд во текот на викендот, од почетокот на оваа седмица временската ситуација драстично се промени и дневните температури пораснаа за повеќе од 10 степени, што е невообичаено топло за овој период од годината. Реката Треска благо опаѓа благодарение на дотекот на вода од нејзините притоки, кои деновиве се напојуваат повеќе со вода поради топењето на снегот предизвикано од високите дневни температури. Така денес нивото на Треска се спушти под 90 сантиметри, нејзиното корито ќе беше и попразно и водостојот понизок, ако немаше топење на снегот на околните планини, информира Миле Стојкоски од РЦУК Македонски Брод.
Така повеќето реки поради постепеното топење на снегот се бистроводни и пенливи и вистинско уживање е кога сте во нивна близина.







