Италијанскиот голман Џанлуиџи Буфон кариерата ќе ја продолжи во Пари Сен Жермен, објави денеска шампионот на Франција.
ПСЖ оваа информација ја објави на својот официјален Твитер профил и на клубскиот сајт, а финансиските детали од договорот не се познати.
Буфон потпиша едногодишен договор со можност за продолжување на соработката.
„Пресреќен сум што сум во ПСЖ. Прв пат во кариерата ја напуштам својата земја и само проектот и амбициите на овој клуб ме окуражија на ваков потег. Го следев напредокот на клубот во претходните години, знам која е целта и главниот сон на сите во екипата. Ќе ја дадам сета своја енергија и искуство за да ги испонал соништата и срцата на навивачите“, изјави 40-годишниот Буфон.
Тој во ПСЖ доаѓа од Јувентус за кој настапуваше 17 години по доаѓањето од Парма за која играше од 1995 до 2001 година.
Во дресот на Јувентус имаше 655 настапи и освои девет шампионски титули на Италија, а играше на три финални натпревари во Лигата на шампиони.







