Од Управата за хидрометеоролошки работи велат дека врнежите од последниот влажен бран значително ќе ја подобрат состојбата на почвата кај полјоделските култури, особено кај јачменот кој се наоѓа во фаза на налевање на зрното и кога потребите од вода вообичаено се многу големи.
Нестабилните временски услови, врнежите и зголемената влажност на воздухот поволно ќе влијаат врз развојот на болести и штетиници кај растенијата, а земјоделските производители ќе треба во наредниот период да посветат особено внимание на нивна поинтензивна заштита.
Последниот влажен бран со кој на одредени места има дневни натпросечни врнежи од дожд би требало да трае до крајот на викендот, велат од УХМР.
Од недела и во текот на наредните денови потоа се очекува постепено стабилизирање и затоплување на времето, па ваквите временски услови поволно ќе влијаат на растот и развојот на сите земјоделски култури, а и ќе се создадат оптимални услови за работа на отворено и вршење на редовните земјоделски активности, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.






