Опстанокот на јапонскиот индустриски конгломерат „Тошиба“ е доведен под знак прашање поради загуба од 4,8 милијарди долари во периодот од април до декември минатата година, соопштија денес од компанијата.
После две одлагања за објавување на финансискиот извештај, „Тошиба“ пријави нето загуба од 532,5 милијарди јени (4,8 милијарди долари), откако претходно прогнозираше дека загубата бо можела да надмине дури 1.000 милијарди јени во фискалната година, заклучно со март 2017-та.
Јапонските финансиски регулатори на „Тошиба“ и дадоа дополнително време за да ги процени ефектите од големиот отпис на вредноста што таа ги има во американската компанија „Вестингхаус електрик“, која минатиот месец поднесе барање за заштита од банкрот.
„Финансиската ситуација во ’Тошиба’ веројатно ќе стане уште посериозна поради проблемите во ’Вестингхаус’“, се наведува во соопштението на компанијата кое е објавено заедно со деловните резултати.
Предупредувањето доаѓа во моментот кога јапонските медиуми шпекулираат дека тајванската компанија „Фокскон“ на „Тошиба“ и понудила неверојатни 3.000 милијарди јени за превземање на нејзината работа со чипови.
Акциите на „Тошиба“, која вработува 188 илјади луѓе во целиот свет, оваа година вртоглаво паднаа, губејќи повеќе од половината од вредноста од крајот на декември кога компанијата предупреди за повеќе милијарди долари „тешката“ загуба во „Вестингхаус електрик“.







