Адриа Ервејс пред крајот на оваа година ќе го купи Монтенегро Ерлајнс, пренесуваат медиумите во Хрватска и Црна Гора повикувајќи се на анализа на хрватскиот аналитичар Ален Шќуриц.
Тој тврди дека инвестицискиот фонд 4К, кој во март 2016 година ја купи Адриа Ервејс, а таа пак пред неколку дена швајцарската авио-компанија Дарвин од Етихад Ервејс, ја врши оваа аквизиција за германската Луфтханза.
Германската авио-компанија, како што наведува, со овие купувања го чисти дворот од конкуренција на арапскиот Етихад.
„Кроатиа Ервејс е далеку поинтересна за 4К отколку МЕ, но Монтенегро можат да ја добијат ефтино и експресно брзо. Компанијата е во екстремно тешка состојба и итно и е потребен купувач за да ја преживее зимата. Оттука, не би требало да зачудува тоа дека Адрија многу брзо ќе биде газда на Монтенегро“, тврди Шќуриц.
На ова во прилог, објаснува тој, му оди и неочекуваното и огромно зголемување на фрекфенциите на Адрија од Љубљана за Подгорица.
„Зборуваме за 134 отсто зголемување, од три на седум летови неделно, на линијата која количината на фрекфенција не ја зголемила од 2003 година. На овој начин се забрзува пропаста на Монтенегро. Ова е стара и веќе испробана метода која Луфтханза ја спроведе до совршенство со своите пулени пред превземањето на Брисел ерлајнс“, истакнува Шќуриц.
Шќуриц се надева дека ресорното хрватско министерство конечно поактивно ќе тргне во пронаоѓање на потенцијален купувач на Кроатиа Ерлајнс, затоа што се заинтересирани Катар Ервејс, Сингапур, Туркиш Ерлајнс и Хаинан Ервејс.







