Илјадници луѓе протестираа на главниот булевар на Тирана, движејќи се кон кабинетот на албанскиот премиер Еди Рама.
Тие учествуваа на, како што го нарече опозицијата, голем национален протест со кој се бараше техничка влада што ќе ги организира парламентарните избори, кои се закажани за средината на јуни.
Претседателот на Демократската партија, Љуљзим Баша, кој е организатор на протестот, говорејќи пред присутните неколкупати повтори дека „не може да се одржат избори без опозицијата“ и дека ќе продолжат протестите на противниците на владата предводена од Еди Рама.
Баша го нарече протестот референдум на Албанците за новата република и уште еднаш ја потврди својата решеност да не учествува на изборите следниот месец.
„Рековме дека избори без опозиција нема да има. Избори со криминалот поврзан со дрогата нема да има. Ќе има само слободни и фер избори со техничка влада, за да ги избрка криминалците, да се бори против трговијата со дрога и да ја врати назад довербата кај Албанците и гаранцијата за нивниот слободен глас“, рече претседател на ДП, Љуљзим Баша.
Во меѓувреме партиите од владејачката коалиција продолжија со предизборните митинзи низ Албанија.
Албанскиот премиер и прв човек на социјалистите Еди Рама на средба со неговите приврзаници во Валона рече дека стравот од ветинг-процесот, односно реформите во судството, ги собрал на едно место лидерите на Демократската партија, корумпираните судии и обвинители.
„Ветинг-процесот е моментот на вистината со кој ќе се соочат еден по еден секој судија и обвинител што ќе докаже дека неговото богатство е стекнато на легитимен начин и дека му служел на уставот. Во спротивно ќе преземат одговорност. Ова ги собра заедно оние што раководат со Демократската партија и оние што се понатаму на чело на правниот систем, поврзани како месото и ноктите“, рече Рама.
Парламентарните избори во Албанија се закажани за 18 јуни.
Европската комисија пред неколку дена излезе со став дека ќе нема никаков проблем ако опозицијата воопшто не учествува на изборите.







