Бизнис довербата во Германија во август се задржа близу рекордното ниво, покажува денес објавеното истражување на економскиот институт ИФО (IFO), што укажува на серија на низ добри економски вести во пресрет на парламентарните избори во септември.
Економскиот институт, со седиште во Минхен, објави дека индексот на бизнис климата во август изнесувал 115,9 поени, паѓајќи од историскиот „врв“ од 116 поени, забележан во јули.
„Расположението на германските бизнисмени сеуште е на многу високо ниво“, заклучува првиот човек на институтот, Клеменс Фуест. „Германската економија останува на патот на растот“, додава тој.
Благиот пад на индексот, објаснуваат од ИФО, е заради нешто полошата оценка на моменталната состојба во економијата, додека очекувањата за наредниот период се оптимистички.
Подобрената клима меѓу деловните луѓе се должи и на други позитивни податоци од најголемата економија во Европа, што и дава поттик на канцеларката Ангела Меркел и нејзината конзервативна ЦДУ пред изборите на 24 септември.
ИФО извештајот ја потврдува „речиси неверојатната сила на германската економија“, истакнува аналитичарот од ИНГ банка, Карстен Брзески.
„Освен ако германските бизнисмени не живеат во „ниедна земја“, денешниот индекс на ИФО институтот испраќа јасен сигнал дека германската економија силно граби напред и таа се подобрува од ден на ден. Тоа можеби изгледа досадно гледано од надвор, но во Германија несомнено уживаат“, додаде Брзески.
Следејќи ги различните сектори на економијата, оптимизам во индустријата и градежништвото достигна нови рекорди, додека во трговијата благо е зголемен песимизмот.
Најмногу причини за загриженост доаѓа од секторот за малопродажба, чии претставници се „очигледно помалку задоволни“ со моментната ситуација и се помалку оптимисти во поглед на иднината.
„Најголема одговорност за пресвртот сносат автомобилските салони“, забележува Фуест.
Моќната автомобилска индустрија во Германија ја потресе скандалот со мамење на тестови за емисии на штетни гасови од дизел мотори и обвинувањата дека производителите на автомобили со години соработувале на техничките аспекти на таа приказна, вклучувајќи и технологија на емисиите на гасови.
Фуест, пак, тврди дека скандалот сѐ уште не влијаел на расположението меѓу производителите на автомобили.
„Тврдењата за картелско здружување и аферата со дизелот се уште не се одразиле на резултатите од истражувањето и расположението во автомобилскиот сектор и индексот на бизнис климата и понатаму е на многу високо ниво“, рече шефот на ИФО.







