Заради големиот број на заболени од ковид-19, во Австрија од денеска на сила стапи локдаунот за невакцинирани, чие кршење ќе се казнува со по 1.450 евра, а владата разгледува можност и за воведување на полициски час.
Бројките во Австрија растат, вчера беа евидентирани повеќе од 11.552 случаи на заразени, а седумдневната инциденција на 100.000 луѓе се искачи на речиси 850.
Лицата кои не се вакцинирани или прележале ковид во Австрија од денес не смеат да го напуштат својот стан освен во исклучителни случаи, за набавка на намирници, одење на лекар или во болница или одење до работа.
Почитувањето на тие мерки многу ќе се проверува, а прекршувањата ќе бидат санкционирани.
Мерките за десетдневна изолација исто така се на сила, а ги усвоија и сојузната и покраинските влади.
Но, канцеларот Александер Шаленберг е уште „поконкретен“ и истакна дека покраините се слободни да донесат и постават уште построги правила.
Главниот град Виена веќе најави дека ќе воведе дополнителни правила кои бараат ПЦР тестови од вакцинираните и прележаните граѓани кои излегуваат навечер во затворените простори и на сите настани на кои доаѓаат повеќе од 25 луѓе.
„Се надеваме дека ова ќе го поттикне вакцинирањето. Со досегашното заострување на мерките веќе забележавме извесен скок во таа работа“, рече австрискиот канцелар.
Во Австрија моментно се вакцинирани околу 65 отсто од населението.
Австриската влада моментно разгледува и воведување на полициски час навечер.
„Одлуката за тој потег, кој би се однесувал на целата земја, ќе биде донесена во среда“, изјави австрискиот министер за здравство Волфганг Макстајн, во неделата навечер, во интервју за телевизијата ОРФ.
Ограничувањето, истакна тој, ќе се применува од 22 часот.
(Фото: ЕПА)