Американската тенисерка Серена Вилијамс и Британецот Енди Мареј се пријавија за учество на вториот гренд слем турнир во сезоната, Ролан Гарос во Париз, објави денеска „Еуроспорт“.
Мареј не играл уште од минатогодишниот Вимблдон и се опоравува од операцијата на колкот. Тој го најави враќањето на теренот во јуни на турнирот во Квинс, но ќе почне порано од предвиденото. Неговото име е на списокот на учесници на Ролан Гарос, кој почнува на 27 мај.
Серена Вилијамс полека се враќа на теренот, откако се породи во септември лани. Се шпекулираше дека освојувачката на 23 гренд слем титули ќе ја пропушти сезоната на турнири на земјена подлога, но сепак се пријави за Ролан Гарос. Таа до сега освои три титули на тој гренд слем турнир.
Отвореното првенство на Франција завршува на 10 јуни.
Титулата во машка конкуренција ќе ја брани Шпанецот Рафаел Надал, кој ќе се обиде да го освои 11 трофеј во Париз, додека кај тенисерките титујата ја брани Јелена Остапенко од Летонија.







