Дирекцијата за заштита и спасување соопшти дека има активни пожари во општините Чашка, Македонски Брод и Маврово Ростуше.
За справување со огнот ангажирани се два авиона, хеликоптери, 40 лица преку Дирекцијата за заштита и спасување во содејство и координација со „Македонски шуми“ и месно население.
Во Општина Чашка пожарот е кај селото Богомила, во месноста викана Бела Вода и во Урбанци, кај Дреново.
Пожарот е на непристапен терен за гасење заради што биле ангажирани авионите на Дирекцијата за заштита и спасување.
Кај Македонски Брод пожарот е околу селото Калуѓерец и месноста Сува Гора кај селото Волче, каде гори запалена сува трева и лисната постилка од борова шума.
Во Општина Маврово-Ростуше регистриран е нов пожар на планината Бистра каде гори трева и смрека. На терен се лица од ЈП „Лопушник“.
Изгаснати се пожарите кај кумановските села Проевце, Орашец, Слупчане и Умни Дол, во беровско кај месноста Копан Поток, Маџила, село Будинарци и Кочански Рид, село Владимирово. Изгаснати се и пожарите кај гостиварската населба Грудеица и село Јеловце, охридското село Мраморец и неготинското село Челевец.
Утринава авионите дејствувале на потегот Чашка, село Лисец и село Јаболчиште и тоа во четири налети, а попладнето гаснеле во атарот на Богомила и кај Бела Вода. Заклучно со вчерашниот ден, според ДСЗ, авионите вкупно имале 295 налети со 837 тони вода.
Хеликоптерите се ангажирани во селото Дреново, кај месноста Урбанци.