Зуењето во ушите може сериозно да влијае на квалитетот на вашиот живот.Од тинитус страдаат околу 10 до 15 проценти од луѓето, а тоа може да биде многу непријатно, често и вознемирувачко.
Тинитусот (зуење во ушите) може да биде повремен или постојан проблем, но со оглед на тоа дека всушност не е болест, нема лек за оваа состојба.
Може единствено да се ублажи со лекување на болеста што го предизвикала, на пример, губење на слухот, па така носењето слушно помагало го ублажува тинитусот во дури 50 проценти од случаите.
Истражувачки тим предводен од д-р Стефан Мејсон, аудиолог на Харвард, откри дека хроничниот тинитус не е поврзан само со губење на слушниот нерв, туку и со хиперактивноста на мозочното стебло.
„Ако во сообраќајна несреќа сте ја изгубиле ногата, може да почувствувате фантомска болка – чувство дека вашата нога е сè уште тука и дека ви предизвикува непријатност.
Тоа се случува затоа што вашиот мозок се обидува да ја надомести загубата, а притоа станува хиперактивен, па чувствувате нешто што впрочем го нема. Истото важи и за тинитус – мозокот на лице со оштетен слух се обидува да ’слушне’ нешто што го нема, што може да резултира со перципиран звук“, вели д-р Мејсон, пренесува Ординација.хр.
Добрата вест е дека едно истражување може да обезбеди специфичен начин за дијагностицирање на тинитус.
„Постои шанса дека ќе бидеме во состојба да ги обновиме слушните влакна кои се изгубени преку терапијата со лекови.
Последица на тоа може да биде дека со повторно тренирање на мозокот преку лечење, можеме да го намалиме тинитусот“, рече Мејсон.
Кои болести и состојби предизвикуваат зуење во ушите?
Според податоците од Универзитетот Јеил, ова оштетување на слухот може да настане од некоја минорна причина, како што е акумулација на ушниот восок, или може да биде резултат на болест или нарушување, како што се:
- Невролошки проблеми, вклучувајќи повреда на главата,
- Срцева болест,
- Инфекција на уво или синус,
- Нарушување на внатрешното уво,
- Висок холестерол,
- Болести на тироидната жлезда,
- Хормонални промени,
- Фибромијалгија,
- Нарушување на темпоромандибуларниот зглоб,
- Несакано дејство или реакција на лекови на рецепт,
- Проблеми со циркулацијата.
Што го влошува тинитусот?
Постојат многу работи на кои луѓето кои чувствуваат зуење во ушите се чувствителни и кои го влошуваат.
Ова се некои од нив:
Гласни звуци
Бучава од машини, премногу гласни слушалки или концерт може да предизвикаат ѕвонење и шум во ушите. Заштитете ги ушите со чепчиња и намалете ја јачината на звукот секогаш кога можете.
Лекови
На списокот на лекови кои можат да предизвикаат и влошат зуење во ушите се наоѓаат антибиотици, антидепресиви, диуретици, лекови против рак, нестероидни антиинфламаторни лекови и високи дози на аспирин. Честопати симптомите ќе исчезнат кога ќе престанете да го земате лекот.
Стрес
Ако сте вознемирени и зуењето во ушите ќе биде погласно. Обидете се да се опуштите со вежбање, длабоко дишење, масажа… што и да ве релаксира е добро.
Проблеми со вилицата
Зглобот на вилицата ги дели нервите и лигаментите со внатрешното уво. Така, проблемите со вилицата можат да предизвикаат и проблеми во увото – како болка така и звуци.
Восок во ушите
Церуменот ги штити ушите од продор на нечистотија, но понекогаш едноставно го има премногу. Посетете лекар за да го решите проблемот, затоа што пикањето стапчиња во увото може само да предизвика дополнителни проблеми.
Висок притисок
Посетете го вашиот лекар за да добиете лекови за контрола на високиот крвен притисок ако сте забележите дека тоа ви е чест проблем. Зуење во ушите може да предизвика и низок крвен притисок.
Инфекции
Понекогаш зуењето и ѕвонењето во ушите се појавуваат веднаш по настинка. Овие симптоми би требало да исчезнат во рок од еден ден, а ако тоа не се случи, консултирајте се со лекар.
Недостаток на железо
Некои студии покажуваат дека тинитусот може да биде предизвикан и од недостаток на железо, односно од анемија.







