Победникот на Песната на Евровизија во 2014 година од Австрија, Кончита Вурст, односно Томас Нојвирт, соопшти дека веќе со години е ХИВ позитивен, а тоа го објави затоа што поранешниот партнер му се заканил дека тој податок ќе го изнесе во јавност.
„Денес дојде денот за да се ослободам од големиот товар за остатокот ос својот живот: Јас сум веќе со години ХИВ позитивен“, напиша Вурст на својот Инстаграм профил.
Тој се одлучил на овој чекор затоа што еден „поранешен“ се заканувал дека со оваа приватна информација ќе излезе во јавноста, па одлучил за болеста, која ја скривал, сам да ги информира обожавателите.
„Во иднина никому не му давам за право да ми се заканува и на таков начин да влијае на мојот живот“, порача некогашниот победник на Евровизија.
Од поставувањето на дијагнозата, како што напиша, се наоѓа под медицинска терапија, и тврди дека со години е под границата за докажување на заразеноста, односно дека не е во состојба да го пренесе вирусот.
Вурст укажува на тоа дека со оваа информација излегол во јавност пред се заради семејството, кое го поддржува од првиот ден кога е утврдена дијагнозата и дека сакал да го поштеди од јавната расправа за ХИВ статусот.
Исто така и пријателите, како што тврди, знаеле за заболувањето и дека и тие го поддржувале.
Вурст истакнува дека секако оваа информација е важна само за луѓето со кои тој имал сексуален контакт.
„Излегувањето во јавноста со таа информација е секако подобро отколку тоа да го стори некој трет. Се надевам дека ќе ги охрабрам луѓето и дека ќе направам чекор против стигматизацијата на луѓето кои, без своја вина, се заразиле со ХИВ“, напиша Вурст.







