Британската премиерка Тереза Меј го потпиша писмото, упатено до претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, во кое ја известува Европската унија за намерите на Британија да го напушти тој блок, објави Ројтерс.
Агенцијата наведува дека дошла до фотографија од писмото.
Писмото на Туск денес лично ќе му го врачи сталниот претставник на Велика Британија во ЕУ, Тим Бароу.
Меј, исто така, ќе го извести парламентот за писмото.
Британската премиерка претходно најави дека денес ќе го активира членот 50 од Лисабонската спогодба со кој се покренува излегување на Британија од Европската унија после 44 години членство и отпочнуваат преговорите за кои се очекува дека ќе траат две години.








