Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром на почетокот од следниот месец ќе настапат на турнир во Романија, откако денеска беше прифатена поканата за учество на меморијалот „Антонио Алексе“.
Станува збор за традиционален настан во градот Орадеа, кој годинава ќе се одржи од 9 до 11 септември со учество на домаќинот ЦСУ Орадеа, унгарски Шолнок и на нашиот тим. Се игра според принцип секој со секого, а МЗТ Скопје според начелно договорениот распоред прво ќе ги одмери силите со поранешниот АБА-лигаш од Унгарија (10 септември), а еден ден подоцна ќе го затвориме турнирот со дуел со организаторот, кој воедно е и првак на Романија.
Сите средби ќе бидат одиграни во салата во која неодамна настапуваше јуниорската селекција на Македонија на Европското првенство (ЕП), дивизија Б, со почеток во 18 часот, соопшти МЗТ Скопје.
Македонскиот шампион во новата сезона покрај тоа што ќе ја брани титулата во домашното првенство, повторно ќе игра во АБА 2 лигата со амбиции да се врати во меѓу елитата во регионално балканско натпреварување.
До овој момент тренерот Ѓорѓи Кочов на располагање ги има Дамјан Стојановски, Марко Симоновски, Андреј Магдевски, Андреј Маслинко, Кристијан Николов, Бојан Крстевски, Ранко Мамузиќ, интернационалецот од Кенија, Нуни Омот, како и неколку играч талентирани кошаркари од младинските категории на „сино-белите“.