Компанијата Нинтендо оствари солидна продажба и добивка во четвртиот квартал од својата фискална година, благодарејќи на големата побарувачка за нејзините „Свич“ уреди.
Јапонскиот творец на игрите „Супер Марио“ и „Покемон“ информираше денеска дека во кварталот јануари-март 2018 година профитот изнесувал 4,4 милијарди јени (40 милиони долари), што е значителен пресврт во однос на загубата од 394 милиони јени забележан во истиот период една година порано, пренесува агенцијата АП.
На добриот деловен резултат на компанијата со седиште во Кјото, влијаела зголемената продажба на „Свич“, хибриден уред за игри кој функционира и како конзола и како таблет.
Кварталната продажба порасна за 12 отсто на годишно ниво, на 198,7 милијарди јени (1,8 милијарди долари).
Во текот на фискалната година која заврши во март, продадени се повеќе од 15 милиони „Свич“ конзоли, се наведува во соопштението на Нинтендо.







