Финскиот производител на телекомуникациска опрема Нокиа денеска објави дека има намера да затвори околу 600 работни места во Франција, како дел од мерките за штедење и пренасочување на фокусот во работењето кое бележи загуби.
Од групацијата најавија дека ќе отпуштат 597 работници во француската подружница, односно 10 отсто од своите вработени во таа земја.
Веднаш реагираа француските синдикати кои порачаа дека ваквиот потег е „неприфатлив“.
Нокиа повеќе не произведува мобилни телефони откако го продаде тој дел го работата на Микрософт. Во 2015 година го купија француско-американскиот производител на телекомуникациска опрема Алцател-Луцент, очекувајќи дека аквизицијата ќе им донесе заштеда.
Најавените отпуштања во Франција ќе бидат фокусирани на административни и услуги за поддршка, додека Одделот за истражување и развој ќе биде поштеден поради пренасочувањето на компанијата на развојот на брзи мрежи од петтата генерација, кибернетичка сигурност и уреди поврзани преку интернет, се наведува во соопштението.
Нокиа планира да заштеди вкупно 1,2 милијарди евра до крајот на идната година откако минатата година ја заврши со нето загуба од 766 милиони евра.