Просечната плата без данок и доприноси во јули, според податоците на Монстат, изнесувала 505 евра и била за еден отсто помала во однос на јуни.
Таа, во споредба со истиот минатогодишен месец пораснала за 0,8 отсто, а во однос на просечната нето заработка во минатата година за 1,2 отсто.
Просечната бруто заработка во јули изнесувала 757 евра.
Статистичарите велат дека, ако се има во вид податокот дека потрошувачките цени во јули во однос на јуни се покачиле за 0,2 отсто, произлегува дека реалните нето заработки во истиот период се намалени за 1,2 отсто.
Просечните нето заработки во јули во однос на јуни пораснале во земјоделството, шумарството и рибарството за 4,6 отсто, во преработувачката индустрија за 2,8 отсто, админидтративните и помошните услужни дејности за 2,4 отсто, градежништвото за 1,9 отсто, вадењето руда и камен 1,4 отсто, здравствената и социјалната заштита 1,1 отсто, тргувањето со недвижности 0,8 отсто и финансиските работи и работењето во осигурителниот бизнис 0,1 отсто.
Пад е забележан во секторите на стручната, научната и техничката дејност за 6,2 отсто, услугите за сместување и исхрана 4,9 отсто, во секторот за уметност, забава и рекреација 2,8 отсто, образование 0,8 отсто, информирање и комуникации 0,4 отсто и во трговијата на големо и мало за 0,3 отсто.







