Лигата на шампионите заврши. Трофејот не остана во Англија, бидејќи Реал Мадрид во одличното финале одиграно во Париз пред преполните трибини на стадионот „Франција“ го победи Ливерпул со 1-0.
Долго ќе се зборува за оваа сезона и за тоа што постигнаа „кралевите“. Шампионот на Шпанија до трофејот стигна на спектакуларен начин. Во секој натпревар од нокаут фазата „кралевите“ практично беа во безизлезна ситуација. ПСЖ беше блиску да ги елиминира, потоа доскорешниот сопственик на пехарот, тимот на Челзи, па дури и Манчестер Сити кого го елиминираа на нестварен начин, но тимот на големиот Карло Анчелоти успеа да ги прескокне сите тие пречки и го освои 14-от трофеј наменет за победникот во најелитното фудбалско натпреварување.
Воведот во ова финале не беше убав. Почетокот на натпреварот доцнеше 36 минути поради тоа што голем број навивачи на „црвените“ останаа пред стадионот поради лоша организација. Дуелот почна дури кога влегоа на трибините.
И Ливерпул и Реал натпреварот го почнаа во иста формација, 4-4-3, со по четворица играчи во одбраната и во средниот ред и со по тројца напаѓачи.
Англичаните настапија во состав: Алисон, Александер-Арнолд, Конате, Ван Дајк, Робертсон – Хендерсон (од 77. Кеита), Фабињо, Тиаго Алкантара (од 77. Фирмино) – Салах, Мане, Дијаз (од 65. Зота). За Реал, пак, играа: на голот Куртоа, во одбраната Карвахал, Милитао, Алаба и Менди, во средината Каземиро, Крос, и Модриќ (од 90. Себаљос) и во нападот Валверде (од 86. Камавинга), Винисиус (од 93. Родриго) и Бензема.
Францускиот судија Клемон Турпан по доцнењето даде знак за почеток на мечот и се тргна жестоко. Се редеа приликите пред голот на Реал. Салах и Мане најмногу се закануваа, но секогаш ги чекаше пречката викана Тибо Куртоа, кој ја маѓепса мрежата и го запираше секој удар што одеше кон голот на мадриѓаните. Белгиецот без сомнение беше играч на овој одличен натпревар.
Избраниците на Јирген Клоп беа подобар противник во првото, но и на почетокот на второто полувреме. Фудбалерите на шпанската екипа практично и не му се заканија на ривалот, но потоа се случи 59. минута која на секој навивач на великаните од Мадрид засекогаш ќе му остане во мислите.
Федерико Валверде мина по десната страна, упати одличен центаршут, а на втората статива Винисиус Јуниор му побегна на Александер-Арнолд и го доведе Реал во водство.
Ливерпул на сите начини се обидуваше да израмни. Имаше можности, но Куртоа како октопод на голот на „кралскиот клуб“ одбрани се и му овозможи на тимот од „Сантијаго Бернабеу“ да го освои 14-от трофеј во Лигата на шампионите во 18-тото негово финале.
Овој меч сигурно долго ќе го памети и Карло Анчелоти, кој како тренер по четврти пат го освои најелитното европско натпреварување. По двапати беше најдобар со Реал и Милан. Треба да се каже и дека еднаш беше поразен во финалето со „росонерите“.
Инаку, клубот од Мадрид го освои европскиот трофеј после четири години, по сезоната 2017/2018. И тогаш во финалето „падна“ Ливерпул.
(Фото: АП)