Легендарниот британски рок состав Ролингстонси денес после 11 години ќе го објават новиот студиски албум, во кој групата се враќа на корените на блуз музиката.
„Тоа е почит кон нашите омилени музичари, кои не поттикнаа сами да свириме“, неодамна рече лидерот на бендот Мик Џегер претставувајќи го албумот „Blue and Lonesome“.
Великаните на рокот соопштија дека албумот го снимиле за три дена, без дополнителни снимања, во студио во Лондон.
На две од 12 песни свири и гитаристот Ерик Клептон, исто така познат по своите блуз музички корени.
Стонси на почетокот на својата кариера свиреа обработки од хитови на Џими Рид, Вили Диксон, Литл Волтер и други американски црни музичари.
После групата разви свој сопствен стил со авторски песни на Мик Џегер и Кит Ричардс.
Нивната музика никогаш премногу не се одалечи од блузот, а од 1969 триумфално се вратија на хард рокот заснован на блуз, тргнувајќи на американска турнеја на која се означени како „најголем рокенрол бенд на светот“.
Нивните песни „Satisfaction“ (или „I can’t get no“), „Jumpin Jack Flash“ и „Brown sugar“ се сметаат за своеврсни химни на рокенролот.
Последниот студиски албум „A bigger Bang“ го издадоа во 2005 година.