Рускиот претседател Владимир Путин е домаќин на дводневниот самит Русија-Африка кој денеска се завршува во Сочи. Присутни се лидерите на 43 африкански држави, а уште 11 се застапувани од нивни потпретседатели или министри за надворешни работи.
Со Самитот освен Путин претседава и претседателот на Египет, Абделфатах Сиси, кој воедно е и претседател на Африканскиот сојуз.
Ова е прв руско-африкански собир од ваков формат. Идејата за негово одржување ја даде Путин во јули 2018 година, а самитот се одржува под мотото „За мир, безбедност и развој“.
Планирано е на крајот на собирот да се донесе декларација за руско-африканските односи, за заеднички настапи на меѓународна сцена и потпишување на неколку заеднички документи.
Во исто време во Сочи се одржува и економески форум под името „Русија и Африка – отворање на потенцијална соработка“ на кој учествуваат претставнициу на големи руски и африкански компании. На форумот се присутни околу десет илјади учесници од сферата на индустријата, но и финансиите, телекомуникациите, туризмот… Се разговара и за атомски технологии, заеднички нафтени проекти и соработка на руски и африкански банки.
Непосредно пред самитот Путин изјави дека Русија има намери да инвестира во Африка околу милијарда долари. Само на Египет, Русија ќе даде кредит од 25 милијарди долари за изградба на атомска централа која ќе има четири реактори. Се разговарало, истакна Путин, и за изградба на руска индустриска зона во Порт-Саид.
Ќе продолжи и воено-техничката соработка со африканските држави која има долга традиција. Постсоветска Русија на афричките земји им отпиша долг во висина од над 20 милијарди долари.
За последните пет години трговската размена на Русија со земјите од Африка се зголеми два пати, па достигна рекордни 20 милијарди долари.
Официјална Москва сака да соработува со афричките држави и во сферата на образованието. Уште од советско време голем број на студенти студираа на советските универзитети. Моментно во Русија запишани се 17.000 студенти од Африка.