Францускиот производител на автомобили „Рено“ (Renault) ќе претстави модерна интерпретација на својот култен модел „рено 4“, на меѓународниот автомобилски саем во Париз на 17 октомври.
Како што пренесуваат француските медиуми, новата верзија ќе биде електрична.
Дизајнерскиот тим предводен од Жил Видал, директорот за дизајн во „Рено“, го редизајнира култниот модел кој остави свој белег во 1960-тите, 1970-тите и 1980-тите, во нов и модерен дух.
На новиот модел на „рено 4“ видливи се измените на кровот, новите дигитални странични ретровизори, подигнатата суспензија и проширените лакови на тркалата, а впечатлива е и новата маска со правоаголна решетка со тркалезни фарови на неа.
Новото „рено 4“ што ќе се појави на патиштата ќе биде далеку поконвенционален автомобил. Како и стариот 4, ќе биде свестран хечбек, но со електричен погон – благодарение на ЦФМ – БЕВ (CMF-BEV) платформата на „Рено“. Електричниот автомобил во ретро стил ќе му се придружи на „оживеаниот“ „рено 5“ во електрифицирана линија на француската компанија.
Оригиналниот „рено 4“ се произведуваше 31 година, за кое време беа продадени повеќе од осум милиони примероци. Дизајниран е како одговор на „цитроен 2ЦВ“ (Citroen 2CV) за да обезбеди едноставен, практичен и евтин превоз.







