Капитенот на кошаркаската репрезентација на Македонија, Војдан Стојановски очекува во престојниот циклус на квалификации на „црвено-жолтите“ да настапат во најдобриот расположлив состав кој го имаат во моментов.
Стојановски кој веќе три години ја има капитенската лента, се надева дека и ветераните Перо Антиќ и Ѓорги Чековски ќе му се стават на располагање на селекторот Јорданчо Давитков, а со тоа Македонија ќе биде многу посилна на квалификациите во август.
„Пред се, за нас најважно е да бидиме здрави и да се комплетираме за ден-два, а потоа да се подготвиме и да ги поминеме претквалификациите и да се вратиме каде што бевме пред две години. По надворешни линии сме одлични, но под кош не знам кој откажал или кој се двоуми за да знаеме како ќе изгледа тоа. Треба да дојдат сите за да ги минеме овие претквалификации кои се многу важни за нас“, изјави капитенот Стојановски, на првата прозивка која синоќа ја направи селекторот Давитков.
Македонската репрезентација во претквалификациите за пласман на Мундијалот 2019 година ќе игра против селекциите на Косово и Естонија.







