Францускиот суд го ослободи Рамуш Харадинај, поранешен косовски премиер и лидер на партијата Алијанса за иднината на Косово.
Харадинај е пуштен од екстрадиционен притвор со кауција, под услов да не ја напушта Франција.
Нему му е одземен пасошот и мора двапати неделно да се јавува во полициска управа.
Тој на слобода ќе ја чека конечната одлука по барањето на Србија за негово испорачување поради обвинувањата за воени злосторства на Косово.
Косовскиот политичар и поранешен командант на ОВК, минатата среда беше лишен од слобода на аеродромот Басел-Милуз, по потерницата која Србија ја има издадено по него во 2004-та година.
Србија бара негова екстрадиција заради тоа што, како што се наведува во потерницата, извршил злосторства врз сркси цивили на Косово во 1998-та и 1999-та година, кои не се опфатени со обвиненијата на Хашкиот трибунал, по кои беше правосилно ослободен.
Српските правосудни органи тврдат дека поседуваат и нови докази кои не биле претставени во Хаг.







