Непосредно до хрватскиот остров Корчула, во Јадранското море, археолози пронајдоа населба што датира уште од времето на неолитот, 4.500 години пред нашата ера.
Мате Парица, шеф на Одделот за археологија при Универзитетот во Задар, изјави дека населбата има облик на седмоаголник и дека била изградена плански, а не стихијно.
Населбата е на седумдесетина метри од брегот на Корчула, на длабочина од четири ипол метри, а заради подигнувањето на нивото на морето останала под површината.
Вакви стари пронајдоци се многу ретки во целиот свет и обично се наоѓаат во пештерите, а ретко во морето.
Оваа населба е пронајдена случајно, само благодарение на снимки направени од воздух.
На локалитетот се пронајдени камени ножеви, големи керамички чинии и топчести садови, на кои жителите со црвена бола отсликувале различни мотиви.







