Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон им напиша на лидерите на Сенатот, повикувајќи ги да го ратификуваат членството на Црна Гора во НАТО, со образложение дека тоа е „многу во интерес на САД“, пренесува Ројтерс, од каде, како што се наведува во текстот, имале увид во писмото на Тилерсон од 7 март.
Државниот секретар навел дека членството на Црна Гора во НАТО ќе поттикне поголема интеграција, демократски реформи, трговија, безбедност и стабилност меѓу нејзините соседи, наведува Агенцијата.
Москва се противи на понатамошното ширење на НАТО, а американското одлагање да го одобри приемот на Црна Гора во Алијансата ги поставува прашањата за тоа дали администрацијата на претседателот Доналд Трамп ќе се спротивстави на Русија и покрај настојувањата на Трамп за подобри односи со Москва.
Членките на НАТО го гледаат приемот на Црна Гора како начин да се сузбијат настојувањата на Русија да го прошири своето влијание на Балканот, посочува Ројтерс.
Тилерсон во писмото упатено до лидерот на републиканското мнозинство во Сенатот, Мич Меконел, навел дека би било „од исклучителна важност и огромна помош“ кога Сенатот на време би го закажал гласањето за ратификација, до учеството на Трамп на самитот на НАТО во мај.
„Учеството на Црна Гора на самитот на НАТО во мај како полноправна членка, а не како набљудувач, ќе испрати силен и јасен сигнал за трансатланското единство“, додал меѓу другото Тилерсон.







