Шведската крајна десничарска партија Шведски демократи соопшти денес дека поради антисемитизам ја смени својата пратеничка во парламентот, Ана Хагвал.
„Шведските демократи со години одлучно работеа на сузбивањето на струи на антисемитизмот и теориите на заговор во општеството. Ана Хагвал со своите изјави и нанесе штета на таа работа и на имиџот на партијата“, соопшти претседателот на партијата Џими Акесон, пренесува АФП.

Ана Хагвал во септември предложи закон со кој би се укинале државните субвенции за медиумите за кои таа тврди дека ја фаворизираат медиумската групација „Бониер“, која е под надзор на семејство со еврејски корени.
„Ана сака закон кој луѓето ќе ги дели по етничка припадност. Ние тоа не го поддржуваме“, истакнал Акесон.
Партијата Шведски демократи настојува да се дистанцира од некои свои најрадикални елементи за да ја прошири својата изборна база, наведува француската агенција.
Хагвел смета дека не би требало да му се дозволи на ниедно семејство, етничка група или компанија да контролира, директно или индиректно, повеќе од пет отсто од медиумите.
Групацијата „Бониер“ е сопственик на 175 компании, вклучувајќи телевизиски станици, весници, магазини и издавачки куќи, а работи во 15 држави, заклучува АФП.








