Невреме утринава ќе го зафати Лондон

Силно невреме пропратено со дожд и силен ветер ќе го погоди Лондон, соопшти Британската метеоролошка служба.

Бурата „Ангус“, со поплави и ветрови со брзина и до 120 километри на час, ќе донесе сообраќаен застој и колапс, прекин на електричната енергија и оштетување на инфраструктурата.

„Ангус“, прва бура во Британија оваа сезона, околу 6 часот утринава по локално време се очекува да го зафати Лондон.

Метеоролошката служба издала таканаречено килибарско соопштение со кое ги предупредила граѓаните на Лондон на можни поплави затоа што, како што истакнуваат, можело да дојде до запушување на системот за дренажа.