Во Косово утре ќе бидат одржани вонредни парламентарни избори на кои, од 7 часот утрината, околу 1,8 милиони запишани гласачи ќе можат да гласаат на 889 гласачки места.
Прв пат на гласљање ќе излезат 118.448 нови гласачи кои од претходните избори во 2014 година станаа полнолетни и стекнаа право на глас.
До сега Централната изборна комисија акредитирала 4.887 домашни и меѓународни набљудувачи и претставници на политички партии кои ќе учествуваат на изборите.
Инаку, албанската политичка сцена на Косово е поделена во два блока – едниот го сочинуваат партиите кои, како што известуваат приштинските медиуми во кампањата, произлегле од „военото крило“ и кои ја сочинуваат коалицијата на Демократската партија на Косово, Алијансата за иднина на косово, Иницијативата за косово и девет помали партии, додека вториот блок или коалицијата на „мирот“ ја сочинуваат Демократскиот сојуз на косово, Алијансата за ново Косово и иницијативата „Алтернатива“.
Кандидат за премиер на првиот блок е Рамуш Харадинај, а на вториот е Авдулах Хоти.
Самостојно на изборите ќе излезе ултрарадикалното десно ориентирано движење „Самоопределување“, а нивниот кандидат за премиер е Аљбил Курти, основач на движењето.
Најзначајниот политички субјект на косовските Срби е Српската листа, која ја има поддршката од владата на Србија.
Аналитичарите проценуваат дека овие избори се многу важни за Албанците, со оглед на тоа дека во текот на седумнаесетгодишното владеење на Демократската партија на Косово на Тачи и Демократскиот сојуз на Косово на премиерот во заминување Иса Мустафа, косовското општество е заглавено во криминал, корупција и непотизам.
Србите имаат 10 загарантирани места во косовскиот парламент, а вкупно 10 загарантирани места во парламентот имаат и останатите малцински заедници.







